Архива за категоријата: Медиуми

Медиуми

Редовно заседание: Медиумската (не)слобода

Македонија не е демократија, а една од причините за тоа е и целосно контролираната и корумпирана медиумска сфера. Македонија е црна дупка во Европа во поглед на слободата на медиумите. Со чест на неколку исклучоци – повеќето мејнстрим медиуми (а за тоа веќе имаме и докази), работат како продолжена рака на владејачката елита. Критичките новинари пак, се изложени на притисоци од секаков вид.

Ова заседание беше подготвувано додека експлодираа првите „бомби“ најавени од опозицијата. Она што го посведочивме, и од содржината на снимките, но и од гласниот молк на повеќето мејнстрим медиуми по прашањето на најголемиот политички скандал во историјата на независна Македонија, само ги потврди работите кои ги знаевме претходно.

Ова заседание донесува три критички текстови, кои заедно нудат и теоретска рамка за процесирање на она што го знаеме и дознаваме за медиумската (не)слобода во Македонија, но и го покренуваат прашањето како ќе треба да се делува во иднина – не само со цел да се излезе од кошмарот, туку и ваквата ситуација никогаш да не се повтори:

 

Фото: Томислав Георгиев

Македонската „зграпчена држава“ во еквилибриум помеѓу контролираните медиуми и неинформираните граѓани

Дел од редовното заседание Медиумската (не)слобода“. Оригинално пишувано помеѓу првите неколку„бомби“. Автор: Борјан Ѓузелов

Неодамна македонскиот Премиер на посебна прес конференција ѝ се обрати на јавноста за да објасни дека е поведена истрага против лидерот на опозицијата, поради негова наводна соработка со странски служби со цел организирање на државен удар. Неколку часа подоцна, лидерот на опозицијата исто така свика прес конференција со цел да одговори на обвинувањата и уште еднаш да најави дека има компромитирачки материјал за работењето на Премиерот и неговите најблиски соработници. Додека првата прес конференција (т.е. обраќање на Премиерот на јавноста) беше пренесена буквално од секој медиум во државата, истиот ден втората прес конференција беше игнорирана од сите главни медиуми и беше пренесена само од неколку алтернативни интернет портали и една или две национални телевизии. Во следните неколку дена, главните телевизии и весници наместо да известуваат балансирано и непристрастно, целосно ја зазедоа страната на владејачката гарнитура и исковаа десетици различни конспиративни сценарија како надополнување на тезата на Премиерот за наводниот „обид за државен удар“ од страна на опозицијата и нејзината наводна соработка со странски (односно грчки) тајни служби.

Споменатиот случај најдобро го рефлектира функционирањето на провладината медиумска машинерија, која во недостаток на доволно силни објективни и/или опозиционерски медиумски конкуренти, има пропаганден монопол врз јавниот дискурс. Ваквата манипулација е најочигледна во ситуации кога постојат сомнежи за корупција во највисоките владини кругови. Во такви случаи влијанието на власта врз јавното мислење е најистакнато, а манипулирање на јавноста се протега од организирање на контрапротести и контраграѓански иницијативи за една употреба, преку злоупотреба на стандардните национални сензитивни теми (името, идентитетот, меѓуетничките односи), па сѐ до директно компромитирање на критичарите на власта.

Државната контрола врз јавниот дискурс преку контролата врз медиумите е еден од најочигледните знаци на постоењето на „заробена“ или „зграпчена“ држава (state capture), односно за постоење на највисоко ниво на политичка корупција каде што јавните институции и ресурси се „зграпчени“ и злоупотребени од врвот на владејачката елита за остварување на нејзините приватни интереси. Покрај ваквото најопшто дефинирање, зграпчената држава се манифестира и како збир на повеќе коруптивни и недемократски практики (Карклинс, 2002) кои во Македонија се сѐ повеќе присутни: формирање на нетранспарентни (тајни) мрежи на политичко влијание врз пазарната економија, влијание врз изборниот процес преку трошење на јавни ресурси и скриен политички маркетинг во предизборието, злоупотреба на законодавната моќ, влијание врз судството, злоупотреба на истражните и надзорните органи и секако корупција во и на медиумите.

Меѓутоа, провладините медиуми не се само последица на зграпчената држава. Тие се и причина за нејзината моќ и одржливост. Провладините медиуми работат во служба на зграпчената држава преку сеопфатна манипулација на јавното мислење. Тоа доведува до состојба на еквилибриум помеѓу неограничената моќ на власта и ограничената слобода на медиумите и сериозно ја загрозува и оневозможува контролната улога на опозицијата, граѓаните и граѓанското општество врз власта. Притоа, мнозинството од граѓан(к)ите ги градат своите политички ставови врз основа на однапред сервираната „вистина“ од страна на власта што директно влијае врз нивното политичко убедување и нивната евентуална граѓанска активност.

Сепак, и покрај постоењето на овој загрижувачки еквилибриум кој ѝ дава одржливост на владејачката елита, се зголемува бројот на граѓан(к)ите кои стануваат свесни за провладината медиумска пропаганда. Затоа очекувам истата со секое свое засилување во иднина, по принципот на балон ефект, да станува всушност сѐ понеодржлива. Неодамнешните масовни протести организирани од Студенскиот пленум покажаа дека компромитирачките методи за дисквалификација на критички ориентираните граѓани може да имаат контраефект и да придонесат кон зголемен граѓански револт и дополнителна мобилизација на политички индиферентните граѓани.

Останува да видиме дали овој тренд ќе се продолжи и понатаму и дали петте минути од централните вести на Сител ќе бидат препознаени од мнозинството како главен аргумент против владеењето на Груевски.

Условите се тешки, но битката може да се победи

Дел од редовното заседание Медиумската (не)слобода“. Оригинално пишувано помеѓу првите неколку „бомби“.  Автор: Тања Милевска

Затворањето на А1 телевизија во 2011-та година претставуваше трагична загуба за македонскиот медиумски простор и за македонскиот демократски развој од повеќе причини: прва приватна телевизија, најгледана, највлијателна и единствена медиумска платформа која, и покрај редовните притисоци и структурните слабости на самата фирма, сепак успеваше да ја задржи професионалноста, колку што условите во Македонија во тоа време дозволуваа.

Како и со сите други столбови на демократијата во Македонија, така и во новинарството, се случи системско и планирано уништување на кревките темели; и новинарството, како и сѐ друго денеска, е обвиено со вел од лаги и игнорантност, кои, досега барем, можеа да просперираат благодарение на општата мрзеливост во струката и самата поттикната од катастофалните економски услови во кои мора да функционира фелата.

Така беше до пред некој ден.

Но, на новинарите, а и на јавноста, им е сѐ потесно во сопствената кожа.

Последните случувања на политичката сцена – објавените и најавените „бомби“ на опозицијата, ужасната и неправедна смрт на малата Тамара, студентските протести, хонорарците, итн. – фрлија светло врз итната потреба за наоѓање излез од наметната состојба и недостигот од, или поточно отсуството на, платформа каде сите актери на македонското општеството ќе можат да бидат слушнати, информациите да бидат споделени, размена на мислења и ставови да биде овозможена, и со тоа да почнеме одново да градиме модерно и демократско општество, составено од просветлени, свесни и информирани граѓани кои утре ќе гласаат за подобро утро, а не за столче во некоја администрација.

Задачата е тешка, условите се партизански, но мисијата не е невозможна.

За жал – или за среќа, зависно од перспективата – прашањето стана акутно (само) по прес конференцијата на Зоран Заев и експлодирањето на првата бомба за нелегалното прислушкување од страна на тајните служби. Иако во истата седмица почина малата Тамара, а кај студентите започна историско будење, теми кои заслужуваат еднакво голем одек и медиумски простор.

Но, како отсега па натаму?

Во интервјуто на 24 Вести, Зоран Заев вели дека опозицијата не располага со медиумски простор. Точно е тоа, но само од аспект на традиционалните медиуми: телевизија, радио, печат. Во истото интервју, тој го призна и огромниот пропуст на партијата да организира веб стриминг во живо на прес конференцијата.

Опозицијата пропушти златна шанса нејзиниот глас да допре до што пошироки маси со тоа што немаше капацитет, волја или време (или трите) своето излагање да го подготви професионално и сериозно. За сѐ има оправдување, но за сѐ има и решение, а на тоа морале да мислат оние кои се за тоа задолжени во партијата. А, доколку такви нема, треба да има.

Но, вистинската причина позади недостатокот од организираност за овој настан лежи во инертноста на политичката класа, навикната на традиционалните канали на комуникација: прес конференција или интервју емитувани на ТВ, прераскажани во весник.

Работите се сменети и тоа многу. Не, Македонија не е поразлична од другите земји во светот; да, Македонците се поврзани и своите информации ги црпат на интернет.

Во прилог на оваа теза оди и есенското испитување на јавното мислење на Евробарометарот: од сите медиумски платформи, довербата на Македонецот е најголема во телевизијата (43%), но веднаш потоа, со минимална разлика, доаѓа интернетот (42%), па социјалните мрежи (32%); радиото и печатот се големите губитници на оваа анкета.

Опозицијата, невладините организации, студентите, обичните граѓани, сите можеме да ѝ контрираме на пропагандата на власта ако прифатиме дека не сме во позиција на губитници затоа што немаме пристап до Сител. И онака Сител не е посебно гледана, само е најмалку негледана. Уште во времето на А1, разликата во гледаност помеѓу двете телевизии беше веќе огромна. Затворањето на А1 не ги префрли гледачите кај Сител, туку по автоматизам ја донесе оваа телевизија на прво место, во отсуство на првакот. И тоа е сѐ.

Пропагандната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ успеа да нѐ убеди дека сме немоќни. Во услови на недоверба во ниту една институција, во услови на целосна потчинетост на сите власти, области и столбови на општеството, ние не можеме да веруваме во ништо – ниту бројки, ниту статистики, сите податоци ги примаме со резерва и живееме во постојана лага и заблуда, отсечени од реалноста на светот.

Тоа е несомнено најголемото злосторство на ВМРО-ДПМНЕ, но исто така несомнено не е фаталност.

(Не)вистината, (не)демократијата и потребата од принципиелност во времето што доаѓа

Дел од редовното заседание Медиумската (не)слобода“. Оригинално пишувано помеѓу првите неколку „бомби“, финализирано после четвртата. Автор: Анастас Вангели

Не е важна вистината, важно е луѓето да ти веруваат тебе повеќе отколку на твојот противник. Не се важни аргументите, важни се етикетите – предавници, шпиони, платеници – па макар биле и конструкции.Тоа е геслото на недемократите на 21-от век, од ковот на Груевски и дружината. Таквиот принцип не им смета ниту на Груевци, ниту на медиумите, ниту на новинарите-соработници кои се активни чинители во остварување на тесно-партиските интереси на власта, преку необјективно и непринципиелно известување. „Вестите се куртон и владина пропаганда“ – чуено од устата на главниот и одговорен „началник“ на најгледаната телевизија во Македонија, кој исто така самиот си признава дека сиве овие години „испорачуел услуга“ за бенефициите кои оваа власт му ги овозможувала.

Каде да се лоцира причината за ваквото деградирање на улогата на мејнстрим медиумите во 21-от век? Во прв ред, секако дека станува збор за структурен проблем. Во неолибералниот контекст, каде што и политиката и општеството се раководени од пазарниот фундаментализам и од интересите и од желбата да се максимизира профитот, вистината е нешто што со пари се купува. (Не)вистината е релативна, таа може да се (пре)обликува или целосно да се искривоколчи и да се користи по потреба, затоа што таа е само еден од инструментите кои им стојат на располаѓање на моќниците.

Сервилноста на медиумите кон тие кои имаат политичка и финансиска моќ не е проблем само во Македонија. Ваквиот тип на спрега меѓу политичките и медиумските структури е рецепт кој се среќава и во други недемократии и зграпчени држави (пр. Раша Тудеј), но и во „демократии“ (пр. Фокс Њуз во САД). Можеби и не треба до тој степен да нѐ изненадува спрегата помеѓу медиумите и оние кои се на власт со цел – не промовирање на одредена идеја или дискурс – туку едноставно извлекување на максимум корист од секоја ситуација. Тоа е систематски проблем за кој не е доволно само политичка промена,  ниту промена на законската рамка, туку длабока, вредносна промена која нема да се случи прекуноќ.

Протечените снимки, сепак, укажуваат и на проблемот на агенсот во сево ова – самите „новинари“ и оние кои ја држат моќта, имаат голем удел во уривањето на интегритетот на мејнстрим медиумите. Да, неолиберализмот царува насекаде низ светот, но дури и во најмаркетизираните и најперверзните политички средини, елитите – политички и медиумски – имаат дно. Минимумот одговорност секогаш мора да биде запазен и токму тоа е една од клучните точки по кои се разликуваат демократијата и недемократијата. Воедно, во ниту една друга средина не би се случило протекувањето на такви блатантни докази за корумпираност, а тоа да помине без преземање на било каква одговорност.

Воедно, она што веројатно е повеќе проблем на агенсот отколку на структурата, е и леснотијата со која се замолчува оној кој противречи. Оние кои ги загрозуваат тесните интереси на власта биле следени и обработувани од службите; како што протечените снимки ни потврдија, некои од нив се соочуваат со „летање од работа“; а веројатно и со секакви видови на казнување (свеж ни е случајот со Кежаровски) – и сево ова, со знак прашалник што допрва ќе дознаеме за случајот на Никола Младенов.

Прашањето што се поставува е како понатаму, и особено, како по паѓањето на оваа власт? Предизвикот ќе биде, првенствено, лустрација на сите виновници за, помеѓу другите злодела, креирањето на паралелна реалност и задртата пропаганда со која влијаеле на сите општествено-политички текови во државата, но кои многу веројатно имале и свои жртви. Следно би било обврзувањето – барем на националниот сервис – за фер и балансирано известување и давање на подеднаква шанса на различните стојалишта, особено во периоди на изборни кампањи и слично. Партиципативно креирање на програмата (како што сервисот партиципативно е финансиран од граѓаните) е само еден од примерите за промени кои треба да уследат.

Сепак, она што ќе биде уште поголем предизвик е востановувањето и имплементирањето на критериум за минимум одговорност и обврска за кажување на вистината во јавност, налик на стандардите кои постојат во академската заедница (кои, повторно, не се совршени – но барем принципот е востановен како светост). Структурно, тоа ќе биде поврзано со целата битка против корупцијата, клиентелизмот и опортунизмот, но се чини најважно ќе биде едукативното делување во рамките на општеството, затоа што ова е нешто што не може да се регулира, туку едноставно ќе мора да се научи и пренесе како знаење на останатите. Во прв ред, многу ќе биде важно професионалните новинари, а особено и ние, општествено ангажираните личности, дури и додека ги коваме последните шајки во ковчегот на власта на Груевци, да ги задржиме минимум стандардите за објективност, принципиелност и аргументираност – но и взаемна проверка (peer review) при нашето делување во јавната сфера, не дозволувајќи да спаднеме на нивното ниво. Со тоа, ќе си дадеме шанса да расчистиме не само со нив самите, туку и со нивниот начин на делување.

Нема да биде лесно и збирниот резултат ќе зависи од трудот вложен од секој поединец, и затоа не смееме да си дозволиме ниту одмор, ниту пропуст.