Архива за категоријата: Работнички права

Работнички права

Редовно заседание: Работнички права во неолиберална и постсоцијалистичка Македонија

Паралелно со експлицитната, иако можеби само декларативна, определба за транзиција кон демократско општество, сите досегашни влади од осамостојувањето се и безрезервни промотери на пазарната економија и неолиберализмот. Меѓу другото, тоа значајно ги редефинираше и работничките права. Помеѓу социјалистичкото наследство, неумесно спроведените приватизации, партизираноста на синдикатите, неолибералните законски реформи и популистичката реторика, македонскиот работник се наоѓа во специфична, несигурна положба. Токму затоа ова заседание донесува четири анализи на состојбата на работничките права во Република Македонија:

 

фото: Радио Слободна Европа

Дали кризата е новиот ред?

Дел од виртуелното заседние „Работнички права во неолиберална и постсоцијалистичка Македонија“  Автор: Александар Димитровски

Неолиберализмот пристигна во Македонија како одговор на должничката криза што ја витоса југословенската економија во осумдесетите. Накратко, неговата идеална цел е ослободување на претприемачкиот потенцијал на поединецот со поставување на пазарната економија како посредник на сите видови човечки односи. Единствената улога на државата е да ја создаде и оддржува институционалната мрежа која го штити системот (судови, полиција, стабилна валута итн.) и понатаму да  не се меша. Економската стагфлација што ја зафати Југославија беше протолкувана токму како последица на отсуството на такво уредување: поддржани од државата, системот на општествена сопственост и самоуправување им даде на работниците премногу права и премногу моќ да си ги зголемуваат платите над нивната пазарна цена, притоа намалувајќи ја ефикасноста на целокупното стопанство. Како решение, тројката „приватизација, маркетизација и демократизација“ требаше да обезбеди, во зборовите на економистот Џефри Сахс, „враќање на човечките слободи и демократски основан раст на животниот стандард“.

Наместо раст на слободата и стандардот, после само десет години реформи бројот на вработени во стопанството опадна од 470,000 во 1990 на 221,000 во 2000. Невработеноста во 1999 стаса до неверојатни 47 проценти. Работниците ги изгубија не само своите работни места и законски права, туку и општествениот статус. Во новиот поредок, некогашната „авангарда“ на социјализмот полека се претвори во социјален терет.

Прашањето што се наметнува е како можеше ова да се случи во контекст кога луѓето навидум за првпат зачекорија во демократијата каде што конечно тие самите требаше да одлучуваат за своите судбини. Дејвид Харви е еден од многуте коишто велат дека за да се случи една промена од толкав размер во (релативно) демократски услови потребно е претходно да се создаде одредено ниво на консензус кај народот. Неолиберализмот мора да биде инфилтриран (на пример, преку медиумите, образовниот систем, политичката пропаганда итн.) како нов вид на „здрав разум“, т.е. систем на вредности со кој го согледуваме светот.

Но тоа што веднаш паѓа во очи е дека после повеќе од две децении неолиберални решенија за проблемите на социјализмот, основните начела на неолибералната идеја никогаш не биле основа за едномисленост во Македонија, освен можеби меѓу владеачките елити. Ако воопшто постои некаков широк консензус помеѓу работништвото, тоа е дека економијата треба да  му служи на народот, а не обратно. Експлоатацијата и нееднаквоста се секојдневни теми дотаму што самата акумулација на богатство популарно се толкува како одраз на морална хендикепираност, а државата се повикува да биде заштитник од пазарот, а не само на пазарот.

Како тогаш, при едно општо неприфаќање на неолибералната идеја, системот успева да се репродуцира? Не преку поттикнување на едномисленост и ред, туку преку постојаното поттикнување на неред, криза и несигурност и оневозможување на колективната мобилизација. Работниците се секојдневно бомбардирани со потсетници за кревкоста на нивната индустрија, за немањето редовни нарачки и опасноста капиталот да побегне во покомпетитивни пазари на труд; можноста да се вработуваат работници на определено време во  континуитет до пет години ја зголемува ранливоста на работното место; потрошувачките кредити ја зголемуваат зависноста од редовни примања; синдикални активисти се плашат дека секој обид да се продре во фабриките може само да им наштети на поедини работници итн.

Кога патиштата кон секој вид здружено дејствување се попречени, преостануваат единствено поединечните стратегии за подобрување на сопствената положба (пр. фаќање „врски“ или емиграција). Севкупните последици на таквата пракса резултираат во атмосфера на цинизам, самоинтерес, недоверба и ерозија на хоризонталните мрежи на взаемна поддршка коишто се основа на секој вид колективно дејствување.

Заклучно, проблемот со „работничките права“ не е исклучиво правен, туку се протега во сите општествени сфери вклучувајќи ја и периферната позицијата на македонскиот работник во глобалната поделба на труд. Тоа е еден контекст каде сите алтернативи се чинат практично неизведливи и каде умира политичката креативност. Но можеби може да ја заживееме ако почнеме од констатацијата дека кризата не е транзициона фаза којашто треба трпеливо да ја исчекаме да одмине. „Кризата“ не е спореден ефект туку склоп на принудни механизми од кои зависи оддржувањето на системот. Со други зборови, нашиот неолиберален пат веќе го изодевме и нѐ одведе во периферијата на евтината работна сила. Оттука натаму лежи само повеќе од истото и џабе ако го смениме правецот сѐ додека некој друг ни ги прави патиштата.

Напорна работа, ниски плати и постсоцијалистичка носталгија: Поглед на македонската текстилна индустрија

Дел од виртуелното заседние „Работнички права во неолиберална и постсоцијалистичка Македонија“  Автор: Кјара Бонфиљоли

Текстилното производство беше важен индустриски сектор во социјалистичка Југославија, достигнувајќи 12% од вкупното производство во 70-тите. Текстилните фабрики почнаа да се шират од поголемите кон помалите градови во почетокот на 50-тите, вработувајќи илјадници работници, мнозинството од кои беа жени. Распадот на Југославија, колапсот на југословенскиот и советскиот пазар во 90-тите и глобалната конкуренција од азиските земји во раните 2000-ти беа и сѐ уште се главните предизвици за текстилната индустрија во Југоисточна Европа. Додека бројот на вработени во текстилната индустрија во голема мера падна во Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина (секоја од трите земји моментално вработува околу 20.000 работници), Србија и Македонија успеаја да одржат дел од нивните текстилни индустрии. Текстилната индустрија вработува околу 30.000 работници во Србија и околу 40.000 во Македонија.

Во Македонија, особено, приватни компании се стекнаа со некои од средствата на државно-управуваните фабрики и продолжија да се произведуваат за извоз, преку системот наречен надворешно ориентирана трговија, или, како што е најчесто познат во регионот, лон производство. Овој систем постоеше во Југославија во 70-тите и 80-тите, но стана многу повеќе распространет во последните две децении во пост-југословенските држави, бидејќи локалните фирми престанаа да креираат свои колекции и стануваа сè повеќе зависни од надворешните порачки. Денес западните модни брендови ги делокализираат најтрудоинтензивните фази на производството во земји каде што трошоците за работна сила се пониски, каков што е случајот со Македонија. Материјалите се праќаат во Македонија, се сечат и се шијат облеки од страна на локалните работници, а потоа се испраќаат на клиентите во Западна Европа. Западните клиенти имаат корист од локалната искусна работна сила, од ниските цени и од географската близина на земјата, што значи дека облеката може многу брзо да се нарача и да се испорача, во согласност со променливите потреби на западната мода. Според официјалната веб страница „Инвестирајте во Македонија“, една од конкурентните предности на локалната текстилна индустрија е „големата флексибилност и подготвеност за прилагодување кон барањата на странските пазари.“

Меѓутоа, ова значи дека работниците се под притисок од страна на локалните сопственици на фабриките да работат многу напорно и со многу брзо темпо за да се исполнат барањата на западните клиенти. Згора на тоа, со цел локалните фирми да останат во чекор со конкуренцијата од остатокот од Источна Европа и Азија, трошоците за производство мора да се одржуваат многу ниски. Ова резултира во многу македонски работници да бидат плаќани околу 150 -200 евра за работни денови од 12 часа, во зависност од нивната позиција и квалификација. Различни организации, како што се Clean Clothes Campaign и Fair Wear Foundation, пријавиле кршење на работничките права во македонските текстилни фабрики. Овие извештаи нагласуваат дека работниците добиваат „сиромашни плати“, кои се 19% од минималната надница, така што многу од нив мораат истовремено да се вклучат и во земјоделство со цел да преживеат. Прекувремената работа е честа појава, со саботите како „нормални“ работни денови. Многу фабрики, исто така, немаат прописи за здравје и безбедност. Несигурни договори се широко распространети и учеството во синдикатите е исклучително ниско, со околу 9%. Во многу места, како што е Штип, текстилната работа е една од ретките достапни опции, особено за жените. Работниците имаат ограничена моќ за преговарање во земја каде што стапката на невработеност е над 30% последните дваесет години.

Ако го споредиме статусот на текстилните работници за време на социјализмот и денес, станува јасно дека работниците имаат изгубено многу работнички права и дека нивната куповна моќ опаднала. Работниците имаат изгубено и голем број на социјални услуги што порано биле бесплатно или по субвенционирани цени загарантирани од фабриките, како што се здравствени услуги, кантина, можност за кредит од заедничкиот фонд на фабриката, објекти за згрижување на децата и одморалишта. Затоа постсоцијалистички носталгија е широко распространета во текстилната индустрија. Сеќавајќи се на различно, посигурно минато, кога тие имале подобар социјален статус, е уште еден начин за вработените да се справат со напорната работа и ниските плати на сегашноста.

Работничките права од гледна точка на еден фетишист

Дел од виртуелното заседние „Работнички права во неолиберална и постсоцијалистичка Македонија“  Автор: Бранимир Јовановиќ

За миг, ќе се ставам во улога на тесноумен макроекономист, кој се грижи само за економски раст. БДП фетишист, што би рекол Џозеф Стиглиц. Зошто би ми биле важни работничките права тогаш?

Работничките права влијаат на преговарачкиот процес помеѓу работниците и работодавачите. Помали права значат помала преговарачка моќ на работниците. Ова значи дека при раст на доходот, помал дел од него ќе завршува кај работниците, а поголем кај работодавачите. Како ова ќе се одрази понатаму врз економскиот раст зависи од ефектот на мултиплицирање, кој пак зависи од маргиналната склоност кон трошење, т.е. од тоа колкав дел од новиот доход се троши, а колкав се штеди. Доколку маргиналната склоноста кон трошење е повисока, и растот ќе биде повисок. Економистите обично сметаат дека маргиналната склоност кон трошење се намалува како што расте доходот (едноставно, можностите за трошење на парите се намалуваат). Работодавачите пак обично имаат повисоки доходи од работниците. Затоа, помалите работнички права можат да резултираат во понизок економски раст, затоа што прават поголем дел од доходот да оди кај работодавачите (сопствениците на капиталот), кои пак повеќе штедат, а помалку трошат.

Ова се однесува на растот на краток рок. Може да има и други ефекти, кои би влијаеле на растот на подолг рок. На пример, преку нееднаквоста. Бидејќи помалите работнички права значат дека доходот на сопствениците на капиталот расте повеќе од доходот на работниците, и бидејќи сопствениците на капиталот се побогати од работниците, помалите работничките права ја зголемуваат доходовната нееднаквост. Доходовната нееднаквост, пак, се смета дека го забавува растот на среден и долг рок.

Колку овие механизми се присутни во Македонија? Во Македонија е забележливо намалувањето на работничките права од 2005 наваму. Така, според Извештајот за економска слобода во светот, индексот за регулација на пазарот на труд во 2005 бил 5.9 (како Австрија), а во 2012 е 7.6 (како Сингапур), што е големо намалување на регулацијата, т.е. на работничките права. Согласно аргументот за редистрибуција, во овој период се забележува висок раст на доходот на богатите и само мал раст на доходот на останатите – реалниот доходот на најбогатите 1% помеѓу 2010 и 2005 пораснал скоро тројно, за разлика од доходот на останатите 99%, кој пораснал само за 11%. Согласно аргументот за мала склоност кон трошење на побогатите, во овој период има раст и на штедењето, но уште поважно, и на „пасивните пари“, т.е. на средствата кои завршуваат во благајничките записи на централната банка, наместо во кредити. Тие во 2005 биле околу 3% од БДП (9 милијарди денари), а во 2012 достигнале 6% од БДП (26 милијарди денари). Во овој период има раст и кај доходовната нееднаквост – учеството на најбогатите 1% во вкупниот доход во 2005 било околу 5%, а во 2010 достигнало 12%. Конечно, сите овие движења се следени и со забавување на економскиот раст – реалниот раст на БДП по глава на жител во периодот 2003-2007, кога просечниот индекс на работнички права е 6.1, изнесува 4.4% годишно, додека во периодот 2008-2013, кога индексот на работнички права изнесува 7.8, растот на БДП е намален на само 1.7% годишно. Наодите остануваат непроменети и доколку растот се гледа во сооднос со светскиот БДП, или се исклучи кризната 2009 година, или 2007 година се стави во вториот под-период. Се разбира, ова се само стилизирани факти, базирани на едноставни корелации, но, според мене, доволно се индикативни.

Но, доколку ја напуштам улогата на БДП фетишист и се вратам во моето вистинско јас, и се запрашам тогаш зошто се важни работничките права, одговорот би бил далеку поедноставен – работничките права се важни затоа што бeз нив би се вратиле во крепосништвото.

 

*ставовите изнесени во оваа колумна се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институциите со кои тој е поврзан.

 

Неолибералниот проект: Трка до дното

Дел од виртуелното заседние „Работнички права во неолиберална и постсоцијалистичка Македонија“  Автор: Горан Лазаревски

Една од главните цели на нашата транзиција кон пазарна економија инспирирана од неолибералната идеологија беше дерегулацијата на пазарот на трудот. Со цел да се постигне овој идеал, голем број работнички права кои беа гарантирани за време на социјализмот, беа одземени, синдикатите беа потиснати, законите за минимална плата укинати (за опширна анализа на овој процес на дерегулација, погледнете ја одличната анализа на Ленка, „Обезвреднување на трудот“). Декади подоцна, резултатот се обесправени, отпуштени и осиромашени работници. Дури и идеолозите на оваа транзиција се согласуваат дека се претрпеа големи штети во форма на човечко страдање, но тие тврдат дека оваа жртва на олтарот на капитализмот беше неопходна со цел нашата економија да стане компетитивна со остатокот од светот. Но оваа компетитивност во пракса не е ништо повеќе отколку трка до дното, во која земјите во развој ширум светот се натпреваруваат која ќе понуди пониски плати и помалку заштита за своите работници со цел да привлечат странски инвеститори. Така, посветеноста на нашата влада кон привлекување странски директни инвестиции е всушност идеолошка посветеност кон нашата крајна цел – стандардот на работникот да го допре дното, како што и сме сведоци со појавата на т.н. „слободни економски зони“ каде даночните стапки се 0%, а платите се исто така заковани на дното.

Сепак, глобализацијата како неолиберален проект има една вградена фабричка мана, а тоа е проблемот со генерирање агрегатна побарувачка кој Кејнз уште многу одамна го опиша. Доколку мнозинството од работната сила во земјите во развој е принудено да ‘рмбачи во фабрики за многу ниски примања, тогаш кој ќе ги купи сите оние софистицирани производи кои овие фабрики би требало да ги произведуваат? Одговорот до сега беше – секако западниот (пред сѐ американскиот) потрошувач, па овој потрошувач беше охрабруван да троши пари кои ги нема за да може да продолжи да функционира глобалната економија. Овие лесно достапни пари од друга страна (ниски каматни стапки) го помогнаа создавањето на меурот на пазарот на хипотеки чие пукнување ја доведе светската економија во моменталната кризна положба.

Сѐ додека не се генерира доволно внатрешна побарувачка во главните пазари во земјите во развој, глобалните трговски дисбаланси, нестабилноста и економската стагнација ќе продолжат и во иднина. Но за ова да се случи, неопходно е сите земји заедно да престанат да се тркаат до дното, т.е. да ги зајакнат синдикатите и да воведат закони за минимална плата со кои ќе им се гарантира на работниците пристоен приход и потрошувачка моќ со која ќе можат да ја стимулираат домашната побарувачка. Европската Унија се наоѓа во уникатна положба во оваа смисла, бидејќи може да усвои легислатива со која ќе ги координира про-трудовите политики во сите нејзини членки, минимизирајќи ја условувачката преговарачка моќ на инвеститорите. ЕУ до одредена мера и носи вакви мерки, поради што и не е изненадување што стандардот на живот во Европа е блиску до американскиот.

Главна економска цел на сите европски земји треба да биде да влезат под тој чадор на ЕУ регулатива и на тој начин да ги заштитат своите работници од експлоатација од мултинационалните корпорации, и притоа да генерираат домашна побарувачка и да поттикнат домашна економска активност. Но за ова да се случи, најпрво европските лидери мора да ја заборават нивната идеолошка посветеност на неолибералната мантра: „ниски даноци, ниски плати и привлекување странски директни инвестиции“, и мора да почнат да се фокусираат на развивањето на продуктивните и потрошувачките капацитети на нивните сопствени економии.

Во конкретниот случај на Македонија, овие препораки треба да се земат во умерена доза поради енормно високиот степен на невработеност во земјата. Во таа смисла, флексибилен пазар на труд е круцијален за поттикнување на вработувањето, но главната поента останува – елиминирањето на минималната плата и синдикатите не ја доведе земјата поблиску до просперитет. Напротив, сиромаштијата и нееднаквоста нараснаа по независноста како никогаш порано во историјата. Поради овие причини, договорот за зголемување на минималната плата во периодот 2014-2016 треба да се поздрави, како и сите потенцијални чекори во оваа насока. Исто така, силни и независни од политичко влијание синдикати се неопходен партнер во едно економски просперитетно општество, а не кочница за економскиот развој како што вообичаено ги сметаат нашите владеачки елити.