Сите написи од admin1

„Рибата смрди од главата“: политичките елити и колапсот на македонската демократија

Дел од виртуелното заседание „Во каква состојба е демократијата во Македонија?“ Автор: Анастас Вангели

Кога зборуваме за демократијата во Македонија, не зборуваме за процес на дијагноза, туку за аутопсија, зошто во Македонија сѐ што некогаш можело да се нарече демократија, денес е мртво.

Релативно консолидирана демократија е состојба која подразбира (1) балансирана поделба на ресурсите помеѓу (2) релативно репрезентативни политички елити, (3) кои се натпреваруваат институционално, следејќи однапред договорени правила и принципи (оваа дефиниција е базирана на теоријата на елити, пр. Higley & Burton 2006; Gel’man 2008; Best & Higley 2010). Дополнителен услов е политичките елити да се релативно квалификувани и доблесни за да раководат со општеството. Македонија во моментов не исполнува ниту еден од овие критериуми.

  1. Една од карактеристиките на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во последните осум, односно шест години е тоа што нивните лидерства акумулираа огромен капитал (политички и финансиски) преку „запоседнување“ на државата и општеството – апсолутна доминација во сите бранши на власта, контрола (или ортаклук) со економските гиганти, и контролира на најголемиот дел од медиумите. Овој капитал во најголема мера не е новосоздаден, туку одземен од останатите политички, економски и општествени актери и прераспределен по линија на политичка припадност. Затоа сите други актери, па дури и некогаш големиот СДСМ, денес се очајни и немоќни во споредба со оваа власт.
  2. Интересно би било да се направи длабинско истражување во врска со факторите за поддршка на владејачката коалиција од страна на граѓаните. Освен довербата (и недостатокот на адекватна опозициска алтернатива), веројатно голем дел од граѓаните својата политичка лојалност ја врамуваат како економска трансакција – каде што добивката варира од еднократен паричен надомест за глас, до потенцијално вработување и бенефиции на подолг рок. За да говориме за вистински претставнички и легитимен модел, треба да постои нормативно оправдување на врските на политичка моќ, односно граѓаните да даваат вистинска поддршка, која ќе биде условена од нивната визија за јавното добро – а тешко е тоа да се очекува од осиромашен народ, но и во култура на „аморален фамилизам“. Сепак, освен имплицитната економска условеност, граѓаните неретко се соочуваат со експлицитни притисоци и уцени (во јавната администрација, или кај личности кои директно зависат од јавните услуги).
  3. Политичкиот натпревар во Македонија денес е далеку од институционализиран, регулиран, транспарентен и честопати има белези на валкана игра. Во Македонија постои случај на автократска драматургија која успева воедно да даде слика на некаков квази-демократски процес на сцената, но во исто време и да даде на знаење дека вистинската игра се одвива зад кулисите. Вистинската моќ не е сконцентрирана во институциите, туку во Партијата на власт; политичките опоненти се исфрлаат од натпреварот по потреба (а средства не се бираат: лустрација, или полициска интервенција како на 24 декември 2012 – или помеки варијанти како јавна дискредитација во контролираните медиуми); а постојат и докази за фалсификување на изборите (пример: гласачите од Пустец).

Нашава дебата за демократијата доаѓа во момент кога во светот се бие битка околу нормативната исправност на концептот на претставничката демократија. Мисловен експеримент: условно да прифатиме дека во светот постојат автократски модели кои се легитимни, имаат добар перформанс и ги прават граѓаните среќни. Да речеме дека за сиромашни земји во развој таков модел е поприфатлив. Можеби Македонија треба да се фокусира повеќе на социо-економски развој, отколку на градење силна демократија? Она што е погубно е фактот што моменталната владејачка класа потфрла дури и полошо и на тоа поле. Македонија има сериозен проблем со раслојувањето и нееднаквоста. Има структурна невработеност и младите поради тоа ја напуштаат земјата.  Не постои визија за економски развој кој не би се базирал на надворешни инвестиции од кои на крајот пак ќе профитираат најбогатите, на грбот на ефтината работна сила. А на крајот на краиштата, Македонија се соочува со генерална неспособност за справување со основните човечки проблеми (во најбуквална смисла: здравствена заштита), а за многу од нив нема ни когнитивен капацитет (како на пример за заштита на животната средина). Главната причина за тоа е што Македонија е раководена од тесна владејачка структура чија главна цел е сопствена репродукција и задржување на моќта на што подолг рок по секоја цена, што не е само недемократски, туку и во голема мера – нечовечки.

 

Други текстови на ова заседание:

Економско-социјалната слика за Македонија во четири графици

Блог пост на Горан Лазаревски, во кој преку четири графици се илустрира економскиот колапс по најважните четири социјални димензии: плати, невработеност, сиромаштија и нееднаквост.

Автономни јавни простори во Македонија: последното засолниште на демократијата?

Постоењето и многубројноста на автономните јавни простори се неопходни да создавање на општествено ткиво што би претставувало основниот двигател на органско демократско општество, пишува Елена Б. Ставревска во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Демократијата и етничките простори во Република Македонија

Поставувањето на грандиозни крстови на видливо место во повеќе градови низ земјата, гласното озвучување на џамиите и повикување на молитва и еднакво гласното биење на камбаните, обете често погласни од оние во земјите со етнички речиси хомогено население, се само некои од практиките низ кои се демаркираат етничките простори, пишува Елена Б. Ставревска во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

За јавниот простор, политиката и граѓаните

Јавниот простор е пред сè антрополошка категорија и во денешно време не подразбира единствено физички, т.е. географски простори, туку и виртуелни, пишува Елена Б. Ставревска во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Не само кои сме, ами и какви сме: пописни прашања во сенка

Пописот, освен што нуди податоци за моменталната состојба на населението и домаќинствата, индиректно може да понуди и увид во потребите и нееднаквоста на населението. Со тоа, јасни и прецизни податоци и индикатори се во коренот на било каква анализа за проблемите со кои се соочува населението, а со тоа и на решенијата на истите, пишува Елена Б. Ставревска во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Зошто пропаѓаат нациите

Зошто пропаѓаат нациите (“Why nations fail: the origins of power, prosperity and poverty”) од Дарон Аџемоглу (МИТ) и Џејмс Робинсон (Харвард) е името на новата книга која излезе овој февруари и полека станува една од најзначајните популарни книги од областа на развојната економија. Уште првата недела дебитираше на листата на бестселери на Њујорк Тајмс и понатаму добива одлични критики од сите значајни сватски списанија. Во неа авторите се обидуваат да дадат одговор на прашањето содржано во насловот: зошто некои држави се богати и просперираат, а зошто други тонат во сиромаштија?, и како втор дел: зошто пропаѓа Македонија?, пишува Горан Лазаревски.